За нас членството во Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме – е една од пораките што премиерот Христијан Мицкоски ги испратил до своите политички соговорници
За нас членството во Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме – е една од пораките што премиерот Христијан Мицкоски ги испратил до своите политички соговорници на средбите што деновиве ги има на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Прашан во која насока се движеле политичките разговори во Минхен, Мицкоски во интервју за МРТ 1 вели дека каде и да оди, владата ја раскажува својата верзија од приказната за која верува дека е вистинита, како и за сите предизвици во евроинтеграцискиот процес со кои, како што рече, македонскиот народ и држава се соочуваат во изминатите децении.
„Оваа генерација сака да се бори, за нас членството во рамки на Европската Унија не е милост, туку нешто што одамна го заслуживме. Да укажеме на сите, би рекол, неправилности и неправда што ни е нанесена и како народ и како држава, но истовремено да потенцираме дека суштината е да не се сруши имиџот и кредибилитетот на самата Европска Унија, а имаме чувство и македонските граѓани чувствуваат фрустрација дека некој од самата Европска Унија однатре како да сака тој имиџ и тој кредибилитет да го уништи“, изјави Мицкоски.
Додаде дека каде и да оди, владата ќе да ја раскажува македонската приказна која е тажна и полна со предизвици.
„Но, секогаш да знаете дека Македонија победува, така ќе биде и во овој случај. Колку и да треба време, ние ќе се бориме и ќе сме трпеливи. И последниот да остане, ќе се бори да ја раскаже македонската приказна“, додаде премиерот во интерјвуто за МРТ 1.
Во однос на генералните пораки испратени од Минхенската безбедносна конференција, Мицкоски вели дека годинава биле во позавиена форма во однос на минатата година кога беа подиректни, но суштината, како што рече, е иста во смисла на тоа дека мора да се знае кој каква одоговрност има и кој е тој кој ги владее придобивките од таа одговорност.
„Тоа е суштината на пораките и од минатата година и од годинава, со таа разлика што минатата година беа подиректни, а годинава беа помеки. Заклучокот е дека Европа и САД се партнери, се пријатели, но мора да се знае кој какви одговорности има во тоа партнерство и тоа пријателство“, додаде премиерот.
Говорејќи за заедничката изјава на Македонија и Соединетите Американски Држави околу трговијата, Мицкоски појасни дека станува збор за трговски тарифи, а не царини.
-Тоа не се царини, тоа многу е битно да се каже за македонските граѓани, тоа се трговски тарифи. Во тие трговски тарифи се вклучени неколку, „инфлоу“ како што ги викаат, дел може да бидат царини, дел се даноци, дел друг тип на давачки, но сето тоа тие го обликуваат како трговска тарифа, рече Мицкоски.
Македонија добила исти услови како државите од Европската Унија
Истакна дека Македонија добила исти услови како државите од Европската Унија, односно тарифа од 15 отсто, и е единствената земја во Европа надвор од ЕУ која на билатерална основа со САД договара ваков договор.
-Македонија доби исти услови, кога станува збор за висината на тарифата, како што има самата Европска Унија – 15 отсто, и е единствената земја во Европа, надвор од Европската Унија, која што на билатерална основа со Соединетите Американски Држави разговара, договара ваков договор, кој што допрва треба да се усогласи во детали. Сега само е усогласена заедничката изјава, која што практично ја одредила рамката во која што ќе се движи договорот, појасни Мицкоски.
При учеството на 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски учествуваше на тркалезна маса „Отворена врата или отворен крај? – Исполнување на ветувањата за проширување на ЕУ” и оствари средби со холандскиот премиер Дик Схоф, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, украинскиот претседател Володимир Зеленски, со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, претседателот за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс Џаред Коен и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
