Бројот на исчезнати лица во Непал по обилната поплава во хималајскиот регион се искачи на 826, соопштија локалните власти, со што вкупниот број исчезнати во Непал и Кина надмина 1.300.

Непалската полиција го проценува бројот на загинати на 162, со повеќе од 40 повредени лица кои се лекуваат во болници. Кина пријави три жртви и 558 исчезнати лица.

Поплавата создаде огромни количини кал и предизвика одрон на карпи низ планинскиот граничен регион долж реката Боте Коши, при што беа однесени мостови, оштетени брани и затрупани домови.

 

Спасувачките тимови во Непал и Кина продолжија со потрагата по исчезнатите лица, но густата кал ги отежнува операциите, пренесе ДПА.

Американски геолози: Причината не е земјотрес, туку уривање на глечер

Американскиот геолошки завод (USGS) потврди дека катастрофата не е предизвикана од земјотрес, како што првично беше објавено, туку од уривање на глечер и моќен проток на карпи, кал и друг материјал.

USGS првично го регистрираше настанот во среда како земјотрес со магнитуда од 4,4 степени. По дополнителна анализа на сеизмичките станици, долгопериодични сеизмички бранови и сателитски снимки, беше утврдено дека немало земјотрес.

„Сеизмичкиот настан всушност бил уривање на глечер и тек на остатоци, што потоа предизвикало катастрофални последици низводно“, соопшти USGS.

Непалските власти претходно изјавија дека огромно парче мраз можеби се откинало од планината, влечејќи карпи и друг материјал со себе. Научниците сè уште го утврдуваат точниот редослед на настаните што доведоа до катастрофата.