Министерството за транспорт ќе го преземе решавањето на проблемот со сложеното движење на земјиштето кај Теферич, а во санацијата ќе бидат вклучени експерти од Министерството и од Јавното претпријатие за државни патишта. Доколку биде потребно, ќе бидат ангажирани и дополнителни стручни лица.
Министерот за транспорт Александар Николоски вчера изјави дека станува збор за сложена проблематика, која по својата природа е слична на проблемот со кој надлежните се соочиле на автопатот Кичево.
Се работи за проблематика која е доста сложена и каде што е потребна голема стручност. Затоа сметавме дека е добро тоа да го преземе Министерството за транспорт, со експертите кои ги имаме, и на тој начин да се санира проблемот“, рече Николоски.
Според најавите, тендерската постапка треба да заврши околу 20 август, по што ќе следува избор на изведувач и почеток на градежните активности.
Динамиката на санацијата, сепак, ќе зависи и од временските услови. Николоски посочи дека за дел од работите е неопходен сув терен, поради што временските услови, особено во текот на зимскиот период, може да влијаат врз реализацијата.
Оставаме година дена, но треба да видиме и зимата каква ќе биде. Се претпоставува дека за година дена треба да се заврши како што треба“, изјави Николоски.
