Група грчки граѓани поднеле видеоматеријал до Обвинителството во Лерин по прославата во Мелити, (Овчарани), каде што биле изведувани песни на македонски јазик со стихови посветени на Филип Втори и Александар Македонски.
Според грчките медиуми, подносителите на пријавата бараат надлежните институции да испитаат дали содржината на песните и настапот на лицата снимени на видеото содржат елементи за кривична или друга одговорност.
Во видеоматеријалот, според информациите објавени во Грција, се слуша песна на словенски јазик во која се споменуваат Филип и Александар Македонски. Песната завршува со порака упатена кон Грците дека „грешат“ и дека треба да престанат со „лагите“.
Пријавителите ја оценуваат содржината како националистичка и тврдат дека преку стиховите се застапува современ македонско-словенски историски наратив кој се спротивставува на грчкото толкување на античката македонска историја.
Во нивното толкување на песната, Филип Втори е претставен како македонски крал кој ја предводел македонската војска против Атина, додека Александар Македонски е опишан како Македонец, а не како грчки крал.
Случајот повторно го отвора и чувствителното прашање за положбата на македонската заедница во Грција, особено во однос на јазикот, националното самоопределување и образованието. Застапниците на правата на Македонците во Грција подолг период укажуваат дека нивните активности често се разгледуваат низ безбедносно-политичка призма и се поврзуваат со иредентизам, наместо со прашањата за малцинските и човековите права.
Засега нема информации дека Обвинителството во Лерин презело конкретни мерки по доставениот видеоматеријал.
