Пристигнувањето на илјадници навивачи на Шкотска на Светското првенство предизвика неочекуван проблем во Бостон – недостиг на пиво низ целиот град.

За време на групната фаза од Светското првенство, Шкотска игра два натпревари во Бостон, а голем број навивачи на популарната „Тартан арми“ отпатуваа во САД за да го поддржат својот тим.

Сепак, нивната жед стави сериозен притисок врз локалните пабови и дистрибутерите на алкохол.

Сопствениците на ресторани открија за „Ен-би-си Њуз“, дека биле принудени да прават итни и непланирани купувања, но наскоро се соочиле со нов проблем – дури и добавувачите немале доволно залихи за да ја задоволат огромната побарувачка.

Шкотските навивачи особено го бараат своето омилено пиво, „Tennent’s Lager“, па затоа некои пабови однапред нарачале поголеми количини. Сепак, дури ни тоа не било доволно за да се задоволи побарувачката, поради што многу барови останале без залихи, а истото се случило и со дистрибутерите.

 

@nbcnewsAs Scotland fans descend on Boston for the country’s first World Cup appearance in over 25 years, their beer consumption may be contributing to dry taps in the city, according to local bar owners.♬ original sound – nbcnews

Се очекуваат нови испораки во наредните денови, кога повеќето шкотски навивачи ќе се преселат во Мајами, каде што нивната репрезентација ќе го игра следниот натпревар од групната фаза.

Покрај тоа што ги испразнија залихите од пиво, Шкотланѓаните приредија и одлична атмосфера во градот.

Во голем број, тие присуствуваа на натпреварот на бејзбол тимот Бостон Ред Сокс, каде што го привлекоа вниманието на цела Америка со своите навивачки песни и гласно навивање.

Шкотска го одигра првиот натпревар од турнирот во Бостон и го победи Хаити со 1:0. По средбата со Бразил во Мајами, шкотскиот тим се враќа во Бостон, каде што ќе ја заврши групната фаза со натпревар против Мароко.