Бајрам Реџепи (1978), кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, е познат како искусен информатичар, со менаџерско искуство во енергетиката, како раководител на државната компанија „Номагас“, пренесува Плусинфо.
Иако во своите настапи Реџепи често критикува дека државните институции не секогаш ги спроведуваат законите поврзани со правичната застапеност на етничките заедници, за него сепак доминираше перцепцијата на умерен политичар.
До скоро, до една изјава на еден друг „умерен“ политичар од ДУИ, поранешниот министер Крешник Бектеши.
Во едно видео-запис од собир на ДУИ, Крешник Бектеши тврди дека Бајрам Реџепи бил добар кандидат затоа што „кога бил млад, зел пушка во 2001 година и ја свртел кон тие што ги потценувале Албанците“. Погледнете го ова видео:
View this post on Instagram
Инаку, нема официјални податоци за учество на Бајрам Реџепи во вооружени формации во 2001 година. Но, штом еден Крешник Бектеши тоа воодушевено го тврди, треба да му се верува.
Интересно е дека нема податоци и за учество на Крешник Бектеши (1986) во војната во 2001 година. Крешник студирал економија во Турција и кога во 2017 година, како кадар на Али Ахмети, ќе стане министер за економија, нема да се пофали дека и тој се фатил за пушка. Освен можеби на некоја свадба…
Но, очигледно е дека како што наближуваат изборите, ДУИ ја засилува воинствената реторика.