Јас ќе поставам три прашања, а сите три прашања се однесуваат до градоначалничката Данела Арсовска, ќе отворам повеќе дилеми и на крај ќе го поставам конкретното прашање. Првото прашање се однесува на најжешката тема оваа недела, а тоа е компромитацијата на проектот за изградба на пречистителната станица, проект кој што е тежок 160 милиони евра. Како што кажа директорот на „Водовод и канализација“, кој што беше разрешен Златко Перински, тој е жртва на притисок од страна на градоначалничката Данела Арсовска која побарала смена на Комисијата за еваулација на понудите за овој проект. Дека овие тврдења имаат поткрепа тоа е и дописот кој што го држам во рака, и каде што со потпис на Данела Арсовска се бара смена на членовите на Комисијата. Овој допис е испратен на 25.07.2022 година односно пред повеќе од месец и половина, и ако се точни тврдењата дека е Перински кој тој вршел притисок и влијание врз процесот и демонстрирал самоволие како што кажа градоначалничката, тогаш овој документ кој што го држам во рака потврдува дека Вие сте знаеле за тоа, а не сте ги известиле надлежните институции повеќе од месец и половина. Останува неодговорено прашањето зошто сте чекале месец и половина и зошто и покрај јасното тврдење на Европската инвестициона банка која што одговорила негативно за разрешување на членовите, Вие тоа сте го барале, ја запраша градоначалничката на град Скопје, Луке Галески, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на денешната седница на советнички прашања.
Галески додаде дека се работи за сериозен сомнеж за влијание на процесот преку упад на смена членови на Комисијата за еваулација потврда стигна и вчера вечер од Европската инвестициона банка.
-Банката вели, слушајте добро градоначалничке – „Секој обид за ревидирање на стратегија за набавки без оправдување во оваа фаза или неусогласеност со важечките принципи за доверливост ќе предизвика одложување на процесот за набавка и ќе ја загрози достапноста на средствата“. Се надевам дека добро слушате, и нагласи Галески на Арсовска.
Советникот посочи дека ЕИБ заклучува од почетокот на проектот се почитуваат условите и преземените обврски за исплата на средствата, набавките се спроведени согласно Водичот за набавки на ЕИБ и во согласност на одобрената стратегија. До денес комитетот за еваулација потпомогнат од искусен тим на меѓународни консултанти ги извршуваше своите задачи на посветен начин. Галески нагласи дека сето тоа пишува во реакцијата на ЕИБ.
-Значи согласно ова загрозен е проект за кој што Европската инвестициона банка определила огромна сума на пари. Значи демантот на Арсовска не е само од Перински, не е само од ВМРО-ДПМНЕ туку и од ЕИБ. А, она што исто така привлекува внимание е тоа што градоначалничката во светот на медиумите важи за доста прилично затворена, жена која што има слаба комуникација со новинарите, но затоа истиот ден кога се отвораа понудите во „Водовод и канализација“ , таа имаше мотив да упадне на прес конференцијата. Можеби мотивот зошто тоа направивте лежи во овој лик тука, овој човек се вика Аркан Керим и јавно ја прашувам градоначалничката дали го познава ова лице и дали ова лице има поврзаност со турската компанија со која што медиумите не знам од каде дознале дека е учесник на тендерот 160 милиони евра, ја запраша Галески Арсовска.
-Во јавноста излезе дека понудата на турска компанија имала 20 милиони евра пониска понуда од останатите. Навистина е симптоматично од каде се таквите информации кога понудите се уште не биле отворени. Дали за ова требаше промена на членовите на Комисија за еваулација? И факт е дека уште двајца други директори си поднесоа оставки. Истите директори кои што Арсовска ги фалеше претходниот ден дека се исполнителни, дека ги извршуваат своите обврски веќе следниот ден беа разрешени. Е сега кога беа добри, дента кога ги фалевте или следниот ден кога баравте оставка? Тие сами си заминаа. Но, веднаш потоа беше пуштена информација во медиумите од страна на Градот Скопје и од Арсовска дека понудата била или дајте си оставки или заминете. Непотврдени информации говорат дека се случувал вистински хаос во Архивата на Градот Скопје. Па, така само ќе предупредам дека лицата Ѓорѓи Грковски, Филип Силјановски ако не биле предупредени треба да знаат дека антидатирањето на документи е кривично дело, предупреди Галески.
Тој истакна дека главните забелешки на скопјани не се за пречистелната станица, не е само за целиот овој искреиран хаос туку во насока на неисполнувањето на ветеното.
-Главната поента на ова прашање е дали сте го знаеле ликот кој што го посочив? И второто потпрашање е зошто кога сте знаеле за обиди за влијание пред месец и половина тие не сте ги искажале односно не сте ги пренеле во Обвинителство, ја запраша Галески градоначалничката.
-Второто прашање исто така се однесува до градоначалничката, а тоа е колку должи Градот и на кои компании? Дали има вистина дека се плаќа само на оние компании кои што ќе исполнат еден услов? И кој е тој услов, треба да ни каже градоначалничката. А, третото прашање се однесува на ветувањето за бесплатен јавен превоз исто така до градоначалничката. Ова ветување беше клучно во кампањата и добро е јавноста да знае дали конечно ќе се реализира. И на крај претпоставувам дека градоначалничката нема да има одговор на ништо од ова ама некогаш молчењето значи потврда повеќе од зборувањето, нагласи Галески.