Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, објави видеоснимка од надзорна камера на која се гледа како група млади лица превртуваат контејнери и ги шутираат. Според него, истата група два дена по ред вандализирала училишен двор во Аеродром.

„Два дена по ред, околу 22:30 часот, иста група млади лица со мотори вандализира училишен двор во Аеродром. Превртуваат контејнери, оштетуваат урбана опрема и оставаат неред во простор наменет за учениците и граѓаните“, напиша Митески.

Градоначалникот соопшти дека сите лица се идентификувани и дека е поднесена соодветна пријава.

„За жал, вакво однесување е забележано на повеќе локации низ општината, со уништување на урбана опрема, детски игралишта и други јавни содржини. Поради тоа, во соработка со МВР ќе бидат засилени контролите и надзорот на критичните локации“, напиша Митески.

Тој ги повика граѓаните да го погледнат видеото и порача дека ваквото однесување нема да биде толерирано.

„Погледнете го видеото и видете како изгледа неодговорното однесување кое нема да биде толерирано“, напиша Митески.