Градот под блокада по исчезнување на богатство
Бугарскиот приморски град Царево осамна под засилен полициски надзор, откако исчезна сеф со два милиони лева и злато, јавува БГНЕС. Веста предизвика вистинска „златна треска“ по јужното Црноморие, а властите веднаш воведоа строги безбедносни мерки. Пристапот до плажите е забранет, а на сите влезови во градот се поставени контролно-пропусни пунктови. Секое возило се проверува, а лицата без оправдана причина не се пропуштаат.
Потрага со нуркачи и тешка механизација
На плажата каде што се претпоставува дека морето го исфрлило или оштетило сефот, распоредени се дополнителни полициски сили кои не дозволуваат пристап освен на службите ангажирани во потрагата. Според информациите, само сопствениците на изгубеното богатство и нивниот тим имаат дозвола да го пребаруваат подрачјето. Во акцијата се користи тешка механизација и професионални нуркачи кои го пребаруваат морското дно во близина на брегот.
Сомнеж дека богатството завршило во морето
Неофицијални извори наведуваат дека биле пронајдени документи што им припаѓаат на сопствениците, што поттикнало сомнеж дека сефот се распаднал, а неговата содржина – пари и злато – се разнесени во морето. „Ако го најдат само металното сандаче, тоа ќе биде крајот на надежта – ќе знаат дека сè е изгубено“, изјавил локален жител кој ги следи настаните.
Полициската блокада останува на сила, а органите на редот не откриваат колку долго ќе трае потрагата. Случајот со исчезнатите милиони во Царево ја држи Бугарија во неизвесност, претворајќи се во современа приказна за изгубено богатство.