Од Македонскиот дипломатски синдикат за МКД.мк велат дека изразуваат голема загриженост поради здравствените состојби во дипломатската служба и најавуваат дека ќе се состанат да расправаат за состојбите и за преземање можни мерки, но ќе побараат и поконкретни информации од надлежните. Нагласуваат дека е евидентно масовното отсуство од работа.

Во овој синдикат нагласуваат дека и покрај многубројните контакти со дипломати, домашни и странски, и покрај патувањата во странство, меѓу кои и во земји од највисок ризик, како на пример Бразил, никој не им кажал дали вработените се или ќе бидат ставени на приоритетна листа за вакцинација.

Во синдикатот се размислува да се разгледаат и повеќе идеи, меѓу кои и преку дипломатски канали за евентуално организирано вакцинирање во Србија, по примерот на група македонски новинари и бизнисмени, или за добивање конкретен број дози што би се донеле во земјава, како и за можноста преку меѓународните соработка да се добие странска помош во вакцини.

Како една од мерките за што е можно поголемо намалување на ризикот од контакти, бидејќи принципот на ротација на вработените се покажа како недоволно ефикасна метода, да се побара и воведување на онлајн-работа за сите оние вработени за кои е можно.