Регистрирани вкупно 14 пожари на отворен простор

Во текот на денешниот ден до 20 часот, низ државата се евидентирани вкупно 14 пожари на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од нив, два пожари сѐ уште се активни, додека останатите се изгаснати.

Активни пожари кај Кичево и на битолската обиколница

Еден од активните пожари се наоѓа во близина на стадионот во Кичево, каде што гори сува трева и стрниште. Вториот пожар е на територијата на Битола, во реонот кај тунелот на обиколницата, каде исто така има горење на вегетација.

Пожари изгаснати во повеќе општини низ државата

Од ЦУК соопштија дека изгаснатите пожари биле регистрирани во Дебар, Дебарца, Демир Капија, Ѓорче Петров, Новаци, Прилеп, Пробиштип, Свети Николе, Кочани, Куманово, како и во Скопје, на подрачјето на општина Центар. Во Центар биле изгаснати два пожари – еден на булевар „Македонија“ и друг на улицата „Тодор Александров“.

Претходно беше соопштено дека пожарот во демиркаписко Прждево зафатил три постари куќи, при што една повозрасна жена била спасена од огнената стихија.