Законскиот текст оди во Собрание
Владата на денешната седница го утврди новиот усогласен текст на Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој ќе биде испратен до Собранието.
Од Владата соопштуваат дека со ова започнува нова фаза во борбата против нелегалното приредување игри на среќа и штетните практики во секторот.
Во образложението се нагласува дека клучниот приоритет е заштитата на младите и семејствата.
„Фокусот на овој закон е јасен заштита на децата, младите генерации и семејствата. За првпат се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето на игрите на среќа. Се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа. Се забрануваат пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително, се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници. Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите“, соопштуваат од Владата.
500 метри оддалеченост од училишта и нови ограничувања
Владата воведува и нови правила за локациите на објектите за игри на среќа.
„Со законот се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Во обложувалниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа. Ова е институционална одлука да ги заштитиме децата од секојдневна изложеност на коцкање и зависности“, истакнуваат од Владата.
Затворени 358 нелегални онлајн платформи
Паралелно со законските измени, се спроведуваат и мерки против нелегалното онлајн коцкање.
Досега се затворени 358 нелегални странски интернет платформи кои приредувале игри на среќа без лиценца и контрола.
„И покрај постојаните обиди на нелегалните приредувачи да отвораат нови канали и интернет страници, институциите ќе продолжат со засилени контроли и соодветни законски мерки. Оваа Влада уште од првиот ден започна системска борба против индустријата која со години се ширеше без контрола. Нашата цел е јасна воспоставување одговорен, транспарентен и контролиран систем, со јасни правила, правна сигурност и многу поголема заштита на граѓаните. Ова е борба за иднината на младите, за сигурноста на семејствата и за достоинството на општеството“, велат од Владата.
