Вработените во осум државни институции сместени во зградата на „Нова Македонија“ привремено ќе ги извршуваат работните обврски од дома. Владата ја донесе препораката поради последиците од техничката хаварија во објектот и потребата од спроведување санација и безбедносни проверки.

Во дел од електричните инсталации во зградата навлегла вода, поради што објектот не може веднаш да биде вратен во редовна функција. Пред повторното физичко присуство на вработените треба да бидат извршени сите неопходни технички и безбедносни проверки.

На денешната седница Владата ја разгледала информацијата за состојбата во зградата, како и активностите што досега биле преземени за отстранување на последиците од хаваријата.

Биле разгледани и планираните мерки за санација на објектот и целосно нормализирање на условите за работа на институциите што се сместени во него.

„Мерката се презема исклучиво од превентивни и безбедносни причини, а приоритет остануваат здравјето и безбедноста на вработените, паралелно со непреченото продолжување на работните процеси и функционирањето на институциите“, соопшти Владата.

Препораката предвидува осумте институции привремено да го реорганизираат своето тековно работење. Вработените треба да продолжат со извршувањето на работните обврски без физичко присуство во зградата на „Нова Македонија“.

Од Владата информираат дека надлежните служби интензивно работат на санирање на последиците од техничката хаварија и на создавање услови за безбедно и целосно враќање на вработените во објектот.