На денешната владина седница се разгледуваат неколку мерки за намалување на цените на производите, а конечната одлука ќе биде донесена по анализата на Државниот пазарен инспекторат, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Една од мерките што лично ќе ја предложи, како што истакна тој, е обврска за маркетите да ги објавуваат цените на своите веб-страници.
“Навистина не би сакал да шпекулирам, но една од мерките што ќе ја предложам е сите ланци на супермаркети и хипермаркети да имаат јавна и транспарентна веб-страница каде што ќе ги објавуваат сите цени на своите производи. Така граѓаните ќе можат јасно да видат и да донесуваат информирани одлуки. Некои земји веќе применуваат ваков модел, па зошто да не го следиме тој тренд?” – изјави Мицкоски.
Во однос на методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, премиерот потсети дека концептот првпат бил воведен во 2010 година од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не би сакал дебатата да ја сведеме на поделби меѓу власт и опозиција. Она што е важно е дека новата методологија, која стапи на сила во декември 2023 година, не ја имавме на увид навреме. Кога ја анализиравме заедно со синдикатите, забележавме дека содржи производи што граѓаните не ги користат во толкав обем, што создава збунетост“, истакна премиерот.
Тој додаде дека не може со сигурност да каже колкава е реалната потрошувачка кошничка, но потенцираше дека постои можност цените да бидат и повисоки од досегашните пресметки.
„Важно е да создадеме кошничка што реално ќе ги одразува навиките на граѓаните. Оваа сегашна верзија, според мене, не го прави тоа во целост“, заклучи Мицкоски.
Очекувањата се дека Владата ќе донесе конкретни мерки за регулирање на цените, а останува да се види каков ефект ќе има предложената транспарентност во маркетите врз цените и потрошувачката на граѓаните.
Извор: Нова Македонија