Венко Филипче најде да говори за слободата на медиумите и извештајот на Репортери без граници, се најде за кредибилен и легитимен на оваа тема, а нема медиум, портал и новинар со кого не се скара, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

„Односот на Филипче и на СДСМ кон медиумите, по насока на пи-ар шефот на куќниот пријател на Зоран Заев, Зоран Башановиќ, е крајно арогантен, срамен и во одредени случаи и безобразен. Филипче треба да си стави прст на чело и да размисли што прави со новинарите и со медиумите и дали тој негов однос е правилен. Доколку смета дека така треба, следната година уште надоле ќе одиме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Филипче на платформата Икс објави дека со Христијан Мицкоски Македонија падна за 3 места во Индексот за слобода на медиуми на Репортери без граници, а во објавата продолжи со обвинувања кон медиумите.

„Сега сме во групата земји со проблематична состојба. Ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски „исполнува“ една од клучните реформски точки за ЕУ – слобода на медиуми. Цела мрежата, особено Алфа ТВ, сигурно е многу горда на овие резултати. Браво! Доаѓа времето на вистината“, објави претседателот на СДСМ.