Голема штета од вандалски чин е предизвикана ноќеска во најголемото штипско основно училиште „Ванчо Прке“, поради што денеска над 1.100 ученици од прво до деветто одделение ќе немаат настава.
Полициски службеници вршат истрага во училиштето.
Според првичните информации хулиганите влегле насилно во објектот, а претходно со спреј ги неутрализирале безбедносните камери.
Ѕидовите на ходниците и на училниците се испишани со непристојни содржини, а искршен е и дел од училишниот инветар.
Директорот на училиштето Кокан Радев вели дека во инцидентот е предизвикана значителна материјална штета.
Оштетени се повеќе кабинети, при што се уништени врати, ѕидови, училишен инвентар и смарт табли, а дел од просториите биле испишани со спреј. Сторителите се обиделе да ги оневозможат камерите, но системот продолжил да снима. На снимките е забележано едно лице.
Од училиштето очекуваат санацијата да биде завршена во наредните денови, со цел наставата да продолжи нормално.
„Ги известуваме сите родители дека денеска немаме настава во училиштето од оправдани причини“, објави утрово основно училиште „Ванчо Прке“ на својот профил на Фејсбук.
