Актуелниот пратеник Тимчо Муцунски ќе биде кандидат на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник во скопската општина Аеродром на претстојните локални избори, брифира партиски извор. Кандидатурата на Муцунски, кој е и секретар за меѓународна соработка на партијата, доаѓа како изненадување, со оглед на тоа што досега во јавноста се споменуваа други имиња за таа номинација.

Тој за главен ривал во Аеродром ќе го има Александар Филиповски, дипломиран економист и поранешен пратеник, како кандидат на СДСМ. Левица, пак, најави дека во Аеродром ќе оди со Весна Кираџиева, дипломиран криминалист и атлетски репрезентативец.

 

 

32-годишниот Муцунски е доцент по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје. Со оглед на тоа што потекнува од семејство на кариерен дипломат, основното образование го завршил во САД, а средното во Канада. Важи за политичар со добри меѓународни релации.

Во ВМРО-ДПМНЕ долго размислуваа и за кандидатот за градоначалник во општина Битола за и дефинитивно се реши за Тони Коњановски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје – Битола. Коњановски е актуелен член на Советот на Општина Битола и претседател на Комисијата за здравство при ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Тони Коњановски е брат на екс-министерот во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коњановски. Тој на 17 октомври ќе се соочи со кандидатот на СДСМ за Битола, Христо Кондовски, бизнисмен.

 

Како што веќе беше соопштено, ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош ќе се натпреварува со Оливер Зафировски, пулмолог. Во таа општина кандидатура најави и Стевче Јакимовски, од ГРОМ, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.