Кои конкретни мерки ги презема новиот организациски директор на Здравствениот дом – Скопје, Вулнет Селими при посетата на поликлиниката Драчево, кои се од интерес како на пациентите, така и за здравствените работници во однос на протекувањето на кровот на поликлиника Драчево 6 години по ред, прашуваат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, откако поликлиниката последните дена беше актуелна во јавноста по веста дека вработените ќе добијат санкции зошто со гласна музика испраќале колега во пензија.

Во продолжение следува нивното соопштение

Дали Селими заедно со медицинскиот директор Виктор Исјановски при посетата на поликлиника Драчево разговараа и имаат план и дали се обезбедени средства за решавање на овој проблем?

Зошто ртг ал апаратот не е пуштен во употреба веќе 3 години со оглед дека РТГ кабинетот не е во функција во поликлиника Драчево?

Дали Селими и Исјановски можеби при посетата во поликлиника Драчево вооошто се сетија на овој проблем на пациентите со оглед дека жителите на Драчево и околните места се принудени оваа здравствена услуга да ја добијат во поликлиниката Јане Сандански, односно подалеку од своето место на живеење?

Дали директорите Селими и Исјановски при посетата на поликлиниката Драчево можеби најдоа решение за затворената специјалистичка служба, зошто нема психијатар, зошто не се обезбедуваат здравствени услуги од областа интерна медицина, ОРЛ, очно и слично?

Зошто уште е затворен пунктот на Итната медицинска помош и дали Селими и Исјановски имаат план за решавање на овој проблем?

Зошто вакцинацијата не се организира во две смени, туку само во прва смена ако се земе во предвид дека податоците говорат дека Македонија е држава која се наоѓа на дното по бројот на деца кои не примиле нитуедна вакцина од раѓање?

За овие и многу други прашања од фунционирањето на Здравствениот дом Скопје бараме конкретни одговори од Селими и Исјановски и ги охрабруваме да продолжат уште поенергично да ги посетуваат и останатите поликлиники со цел да се решаваат проблемите на пациентите, но и здравствените работници.