Обвинувања за политичка магла и бегство од одговорност
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДС и Венко Филипче се без јасен правец и делуваат без концепт, посочувајќи дека нивното однесување е неконзистентно и без стратегија.
„СДС на чело со Венко Филипче се тотално изгубени и во политичка магла. СДС и Филипче се без концепт и без јасна стратегија“, се наведува во соопштението.
Партијата тврди дека Филипче избегнува соочување и одговори пред јавноста.
„Лицемерието на Венко нема крај. Секој ден на прес-конференции растура пердува, а кога има можност за прашања и соочување тогаш бега. Филипче повторно избега од пратенички прашања и од Франкфурт праќа поздрави за работниците на Меѓународниот ден на трудот“, стои во реакцијата.
Критики за европската реторика и уставните измени
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека проевропската реторика на СДС е без суштина и служи за прикривање на внатрешни слабости.
„Европската реторика на СДС и Филипче е без план и без правец. СДС и Филипче декларативно се проевропски но реално се без правец и стратегија обидувајќи се да ја скријат паниката и нервозата поради колапсот на сопствениот рејтинг.“
Дополнително, партијата го обвинува Филипче за подготвеност за отстапки.
„Венко Филипче со неговата реторика се обидува да се продаде како единствен арбитер за европскиот пат, без да постави никакви црвени линии. Венко Филипче е спремен да ги распродава националните интереси исто како неговиот ментор Заев, само за да си ја зачува фотелјата на Бихачка и да дојде до власт.“
Во соопштението се додава и критика за најавите за уставни измени.
„Филипче отворено најавува подготвеност за уставни измени веднаш, без услови и без гаранции дека тоа ќе биде последната пречка за државата. Тоа е конзистетност на истата политика на отстапки како Зоран Заев и останатите кои поради нивната сервилност, ја ставија Македонија во ситуација да се соочува со блокада на патот кон ЕУ.“
Обвинувања за дезинформации и нарушување на вредностите
ВМРО-ДПМНЕ обвинува и за, како што наведува, релативизирање на идентитетски прашања и ширење дезинформации.
„СДС на чело со Филипче подготвени се да распродадат, сè што е македонско, идентитетот, јазикот, историја и културата само поради една цел, за да дојдат на власт.“
Во реакцијата се споменува и изјава од партиски функционер.
„Во исто време, луѓе од неговиот најтесен круг отворено го релативизираат македонскиот идентитет. Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДС, изјавува дека Гоце Делчев е „мит“ и небитен. Филипче за ова молчи. Молкот е одобрување.“
Дополнително, се тврди дека има манипулации со изјави од европски претставници.
„Дополнително, Филипче манипулира со јавноста преку спинување на изјави на европски претставници, вклучително и на Томас Вајц, кој јавно ги демантираше таквите интерпретации. Наместо транспарентност од СДС, гледаме дезинформации поради страв и паника.“
Во соопштението се осврнуваат и на ИПАРД програмата.
„СДС и Филипче со месеци ширеа невистини дека средствата од ИПАРД програмата се изгубени и блокирани, плашејќи ги земјоделците. Вистината е спротивна, средствата се достапни и ставени се на располагање на земјоделците.“
Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека ваквото однесување не е во согласност со европските вредности.
„Ова не е проевропско однесување. Ова е пример за партија која декларативно се повикува на Европа, а практично работи спротивно на вредностите на вистината, одговорноста и достоинството. Граѓаните заслужуваат чесна политика, јасни позиции и заштита на националните интереси. СДС и Филипче не го нудат тоа.“
