На Денот на Европа најавено формално спојување на пет политички субјекти

Коалицијата ВРЕДИ соопшти дека на 9 мај, Денот на Европа, ќе се одржи процес на обединување со кој ВЛЕН ќе прерасне во единствена политичка сила.

„Една недела нè дели од големото обединување на Албанците во земјата. На 9 Мај, на Денот на Европа, ВЛЕН повеќе нема да биде само сојуз на политички субјекти. ВЛЕН ќе стане една единствена сила, со едно име, еден правец и една мисија“, се наведува во соопштението.

Во рамки на настанот, под слоганот „ВЛЕН ЕДНО“, се очекува учество на 850 делегати, кои ќе го формализираат процесот на спојување на пет политички субјекти во едно политичко тело.

„Ова е момент што ја затвора ерата на политичка расцепканост кај Албанците. Со години поделбите им се продаваа како плурализам, а личниот интерес се пакуваше како патриотизам. Тоа време завршува“, стои во соопштението.

Обединувањето симболично врзано за Денот на Европа

Од коалицијата појаснуваат дека изборот на 9 мај има симболично значење.

„Деветти мај не е избран случајно. Тоа е Денот на Европа, ден што го симболизира обединувањето како вредност. Токму таа вредност ВЛЕН ја претвора во политичка реалност кај Албанците“, наведуваат од ВРЕДИ.

Во завршниот дел од соопштението се додава дека обединувањето ќе има различен политички ефект во јавноста.

„За оние што со години живееја од поделби, ова обединување е лоша вест. За Албанците кои бараат правец, одговорност и чесно претставување, ова е голема вест“, стои во реакцијата.