Центарот беше отворен во присуство на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и градоначалникот на Атина Костас Бакојанис, кои ја истакнаа важноста на конкретната иницијатива.
Сакеларопулу рече дека сите форми на насилство се меѓусебно поврзани, а со борбата со едната форма се надминува другата, говорејќи детално за семејното и родовото насилство особено врз жените кои, како што рече, кога „доминираат патријархалните структури, трпат и физичкото насилство бидејќи тие не се „доволни“ партнери, мајки или ќерки и треба да молчат“.
-Нивниот молк, сепак веќе одекнува. Нивниот нем очај е апел за помош. Особено охрабрувачки одговор се иницијативите како што е оваа на Општина Атина, која со создавањето на Центарот ја интегрира родовата димензија во своите активности, притоа нагласувајќи ја нејзината интеракција со другите форми на дискриминација, порача Сакеларопулу.
Градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис истакна дека денеска испраќаат силна порака против дискриминацијата, заплашувањето и против насилството.
Центарот во кој работи специјализиран научен кадар, секојдневно ќе обезбедува бесплатно социјално, психолошко и правно советување на жртвите на насилство.