Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска ќе се сретнат во Брисел на редовен мајски Совет на ЕУ, со прва точка на дневниот ред на состанокот размена на мислења за Западен Балкан и влијанието на војната во Украина врз тој регион.
Од Советот на ЕУ се истакнува дека идејата е заедно со нивните колеги од Западен Балкан да се разгледа влијанието на „руската агресија“ врз регионот.
Европската служба за надворешни работи изготви стратешки документ што беше дистрибуиран до земјите-членки пред состанокот, во кој се претставени начини како ЕУ да ја помогне и поддржи отпорноста на Западниот Балкан и да се решат последиците од „руската агресија врз Украина“.
„Западниот Балкан е силно погоден, почнувајќи од економскиот, политичкиот, дипломатскиот, комуникацискиот и безбедносниот сектор. Мораме да работиме на нивната издржливост бидејќи сите тие се на наша страна. Сите тие ја отфрлија руската агресија и тие се наши партнери и по тоа прашање“, се наведува во Советот на ЕУ.
Шефовите на дипломатиите од Западен Балкан ќе разговараат за конкретните проблеми на секоја земја, можната поддршка и соработка, но и за степенот на усогласеност со политиката, акциите и санкциите на ЕУ.
„Ги разбираме различните позиции на земјите од регионот, но работиме на стопроцентно усогласување со ЕУ по однос одговорот на војната во Украина“, заклучува Советот.