Учениците од едно локално основно училиште први се провозеа по патеката долга 330 метри, која беше отворена во средата во селото Мартенсдијк, во близина на Утрехт, пренесува агенцијата АП.
Патеката се состои од готови бетонски блокови покриени со тенка заштитна проѕирна обвивка, која овозможува продирање на сончевата светлина до соларните ќелии вградени во блоковите.
Целта на пилот-проектот е да утврди дали ваквите патишта со двојна намена може пошироко да се користат за производство на струја од сончевата енергија и да им служат на велосипедистите, бидејќи провинцијата Утрехт сака да ги намали емисиите на јаглерод.
„Сакаме да бидеме неутрални во однос на климата до 2040 година, така што тогаш мора да се осмелите да користите иновации, а ова е многу иновативно“, изјави официјалниот претставник на провинцијата Арне Шаделе.
Тој додаде дека покраината е густо населена на мал простор и дека затоа мора да ја испита можноста за двојна функција на патиштата.
„Ако можете да ги користите патиштата за производство на енергија, имате двојна предност“, рече тој.
Соларната велосипедска патека беше отворена на денот кога Европската Унија претстави сеопфатен пакет закони за исполнување на ветувањето на Брисел за намалување на емисиите на глобалното затоплување за 55 проценти во текот на деценијата, вклучувајќи, според АП, контроверзен план за оданочување на странските фирми што предизвикуваат загадување.
Соларните велосипедски патеки веќе се користат во други делови на Холандија, но оваа во Утрехт е најдолгата изградена досега.