Со одлуката што во петокот ја донесе Владата на Косово по видното намалување во последните недели на бројката на смртни случаи и заболени од Ковид-19, се продолжува и работата на угостителските објекти за еден час, односно до 23 часот. Освен тоа, се укинува и обврската за носење маски на граѓаните на отворено, доколку не се во друштво на други лица, односно се движат сами.
– Според извештајот на Институтот за јавно здравство на Косово, епидемиолошката ситуација во Косово се прикажува како стабилна, со продолжување на падот на позитивни случаи. Главни мерки се следните: Се укинува ограничувањето на движењето, меѓутоа од полноќ до 5 часот не се дозволува собирање на лица во внатрешни и надворешни амбиенти; се продолжува работното време на угостителството до 23 часот; се укинува обврската за носење маски на граѓаните додека се движат сами во надворешни амбиенти, се вели во владината одлука.
Во Косово последните денови е забележан значителен пад на бројот на заболени и починати од Ковид-19. Од, во просек, по две до три илјади извршени тестирања дневно, последните неколку недели заразени од коронавирусот резултираат по десетина до неколку десетици лица. Видно е намален и бројот на починати како последица на пандемијата, така што, на пример, во последните 72 часа, според вчерашниот извештајот на Националниот институт за јавно здравство на Косово, е забележан само еден смртен случај на заразен од коронавирусот.
Бројката на активно заболени од Ковид-19 во земјата, според последниот извештај на надлежните здравствени власти, моментно изнесува 2.380.
Проблем во справувањето на косовските власти со пандемијата останува ниската бројка на обезбедени вакцини и на вакцинирани лица. Официјално, досега се вакцинирани околу 64 илјади лица – главно медицински персонал и пензионери, и тоа со вакцини добиени како донација од програмата КОВАКС и од Европската унија. Ова, според медиумските извештаи, го сместува Косово во групата на земји со најнизок процент на вакцинирани, и тоа не само во регионот и во Европа.
Во петокот, на 28 мај, Владата на Албин Курти соопшти дека постигнала договор со компанијата „Фајзер“ за купување во наредните месеци на 1,2 милиони дози вакцини, по што очекува до крајот на годинава да се имунизира повеќе од 60 отсто од населението.