Како продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, денеска во Охрид во организација на премиерот Димитар Ковачевски, а под покровителство на Европската унија, ќе се одржи средба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти.
Жозеп Борел, високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, како претставници на Брисел ќе се обидат на Вучиќ и на Курти да им ги приближат решенијата што ги предлага Запад во насока на патот кон нормализација на меѓусебните односи.
Официјален Брисел очекува на средбата да се усогласат ставовите за имплементацискиот анекс на договорот, што се смета за составен дел на документот.
Доколку тоа се случи… тогаш Западниот Балкан ќе слави голем чекор напред кон патот на Европската унија, рече Борел завчера во Тирана, каде што учествуваше на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација ЕУ – Албанија. – Договорот ќе ги постави нивните односи на нова поодржлива основа и ќе обезбеди дека дијалогот ќе продолжи на неговата траекторија кон целосна нормализација, рече Борел, повторувајќи ги неговите објавени блог-коментари.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред патувањето за Охрид изрази надеж дека ќе имa пристоен разговор, со можност да се придвижат работите, но и дека не доаѓа тука со пораки, бидејќи кажал се што имал пред специјалните претставници за дијалог од ЕУ и од САД, Мирослав Лајчак и Гарбиел Ескобар.
Не патувам за Охрид со пораки, туку ги застапувам интересите на државата Србија и нашиот народ на Косово и Метохија, рече Вучиќ.
Се надевам на пристоен разговор и дека ќе можеме да ги придвижиме работите, а дали тоа ќе се случи или не, не сум премногу оптимист. Што се однесува до Србија, Србија е секогаш подготвена да разговара за компромисни решенија, се друго знаете, ништо не сменети од парламентарните дискусии и заклучоците што ги дојдовме, рече тој
Косовскиот премиер, Албин Курти, и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар во Приштина разговараа за денешната средба во Охрид, при што Курти им се заблагодари на САД и на Ескобар за нивната посветеност и придонес во дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Владата во Приштина соопшти дека предлогот на ЕУ е „прифатен од Косово како добра основа и солидна платформа за движење напред кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со взаемно признавање “.
Посветена, конструктивна и креативна, делегацијата на косовската влада со добра волја и добри намери патува во Охрид, се наведува во соопштението.