Младиот кошаркарски тренер Антонио Савевски од Охрид е возачот кој го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што синоќа се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево.

Савески имал само 33 години и е добро познат во македонската кошарка, особено по работата со младинските категории.

Сообраќајката била пријавена во СВР Охрид во 23:30 часот. Според информациите од полицијата, патнички автомобил „хјундаи гец“ со охридски регистарски ознаки најпрво удрил во кучиња скитници, а потоа и во металните браници покрај патот. По ударите возилото се запалило.

На местото интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид, која го изгаснала пожарот. Во опожарениот автомобил било пронајдено телото на починатиот возач.

По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на Судска медицина за обдукција и утврдување на идентитетот. Увид извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Охрид, а додека траел увидот сообраќајот на магистралниот пат бил пренасочен по регионалниот пат Охрид-Струга.

Савевски последниот тренерски ангажман го имаше во Кошаркарскиот клуб Ангели, а во својата кариера работел и во Вардар, Водно Санс и Охрид. Тој важеше за еден од препознатливите млади тренери кои работеа со младински категории.