Помрачувањето на Сонцето почна над Исланд, со што стартуваше долгоочекуваниот небесен спектакл над Европа. Месечината почна да минува пред сончевиот диск, а сенката потоа продолжува преку Атлантикот кон Пиринејскиот Полуостров.
Небесната претстава нема да заврши со Сонцето, веднаш потоа сцената ја преземаат Персеидите, кои вечерва го достигнуваат својот максимум.
Западниот дел на Исланд се наоѓа во патеката на целосното затемнување. Облаците и дождот во Рејкјавик, сепак, им го расипуваат погледот на дел од набљудувачите. НАСА потврдува дека патеката на целосното затемнување ги опфаќа Гренланд, Исланд, дел од Португалија и Шпанија, пишува NASA Science.
Шпанија, пак, уште пред затемнувањето се соочи со огромен прилив на луѓе. Милиони жители и туристи се подготвуваа за феноменот, а властите распоредија десетици илјади полицајци, пишува Ројтерс.
Според „Јутарњи лист“, сообраќајот со часови бил отежнат во Мадрид, Барселона и во други шпански градови. Паркиралиштата на дел од најпопуларните места за набљудување веќе биле полни.
Затемнувањето ќе биде целосно само во тесен појас. Другите делови од Европа ќе го видат како делумно. Тоа важи и за Хрватска, каде феноменот започнува непосредно пред зајдисонце.
Во Загреб делумното затемнување треба да почне околу 19.25 часот. Максимумот се очекува околу 20.06 часот, само три минути пред зајдисонце.
