Петнаесет обучени волонтери и три возила на Црвениот крст утре и задутре ќе патролираат на најфреквентните локации во Скопје и ќе им помагаат на граѓаните во справување со жештините, со тоа што ќе им делат шишиња вода, а по потреба ќе се вршат и мерење на крвниот притисок. Доколку забележат посериозен здравствен проблем, тимот на Црвениот крст ќе изврши транспорт до најблиската здравствена установа, или, пак до домот на лицето кое има потреба од терапија во домашни услови, известуваат од хуманитарната организација.
Тие во директен контакт со населението, ќе дистрибуираат информативни материјали/флаери со совети за заштита од топлотен бран, совети за консумирање и приготвување храна и препораки за консумирање вода, информираат од Црвен Крст.
Во поглед на грижата за здравствената и психофизичката состојба, Пунктот за бездомници на Црвен крст во Момин Поток на располагање е мобилниот телефон: 071/223-972 . Екипите, кои се составени од доктор и парамедик,, преку редовните дежурства за време на викендите и празниците, на планинските станици Водно и Матка, ќе се вклучат во поддршка на граѓаните кои ќе ги посетат овие локации преку делење совети за заштита при движење во планина, превенција од шумски пожари како и пружање медицинска помош во случај на незгода.
Во целокупните активности за заштита од топлотен бран ќе бидат вклучени 200 обучени волонтери од кои 50 на територија на град Скопје и 150 во другите градови низ државата.
Тимот на Црвен крст, активно се вклучува во активностите за намалување на последиците од топлотните бранови во околината, со цел намалување на ранливоста на населението и подигање на свеста за навремено превенирање на последиците од високите температури.