Времето денеска ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на квадратен метар за 24 часа. По одделни котлини и на повисоките места ќе се појави магла, додека ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Дневната температура ќе се движи во интервал од шест до 13 степени.

Утринските температури насекаде во државата се задржаа над нулата, според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи. На Попова Шапка беа измерени два степена, три во Тетово, пет степени во Крушево и Маврови Анови, додека шест степени беа регистрирани во Скопје на мерните места Петровец и Зајчев Рид, како и во Прилеп, Берово, Струмица и Лазарополе. Во Крива Паланка и Кавадарци живата се искачи на седум степени, осум беа измерени во Охрид, Претор, Битола и Велес, девет во Виница и Гевгелија, 11 во Штип и максимални 12 степени во Демир Капија.

Во изминатите 24 часа најголемо количество воден талог наврна во Лазарополе со 24 литри на квадратен метар, по што следат Пожаране со 22, Маврови Анови со 18, Попова Шапка со 14 и Тетово со 12 литри на квадратен метар. Во Претор паднаа осум литри, седум во Крушево, шест во Охрид и Битола, два во Тополчани и по еден литар на квадратен метар во Прилеп, Берово и Велес.

Во главниот град ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб ветер од променлив правец, а највисоката дневна температура ќе достигне до 10 степени.