Врвната светска научничка Светлана Мојсов денеска официјално го прими Орденот „8 Септември“ на свечена церемонија во претседателската резиденција. Највисокото државно признание ѝ го врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во чест на нејзиниот епохален придонес во развојот на биохемијата. Настанот помина во свечена и длабоко емотивна атмосфера пред претставници на академската и општествената заедница.
Примајќи го ова високо одликување, реномираната истражувачка со трепет во гласот и силни емоции упати куса благодарност до присутните.
„Јас сум без зборови. Многу ви благодарам“
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање детално се осврна на импресивната биографска и професионална приказна на лауреатката, потенцирајќи ги нејзините скопски корени наспроти светската кариера изградена во САД.
„Денес, ние имаме голема среќа и помалку незаслужена чест да се заблагодариме за големото дело на една научна хероина – Светлана Мојсов, професорка на Рокфелеровиот универзитет во Њујорк, во САД. Судбината решила таа да биде и „наша“ – Македонка, родена во Скопје, во Македонија. Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Нејзините први претстави за стварноста, сензибилитетот за животот, се формирале овде, во овие простори во кои, наспроти сегашната скромна состојба, сè уште трае одекот на една длабока интелектуална, духовна и просветителска традиција. Затоа, ние мислиме дека имаме право да ја наречеме и „наша“, и да ѝ се заблагодариме и да се гордееме со неа и со нејзиното грандиозно дело од значење за светската наука“
Шефицата на државата во говорот подвлече дека ваквите научни достигнувања ја задолжуваат татковината и испраќаат силна порака до светските интелектуални кругови.
„Денес, со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември” ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи како држава“
Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје, каде што ги завршила основното и средното образование. Своето високо образование го заокружила во 1971 година на Природно-математичкиот факултет во Белград на насоката физичка хемија. Веќе во 1972 година таа ги започнала своите докторски студии на реномираниот Рокфелеров универзитет во Њујорк.
Во текот на научната кариера Мојсов соработувала под менторство на познатиот нобеловец Брус Мерифилд работејќи на полето на синтеза на пептиди. Нивниот иновативен метод претставуваше клучен чекор во созревањето на биохемијата како глобално етаблирана научна гранка. Резултат на нејзината долгогодишна и макотрпна лабораториска работа се дури десет патенти и бројни меѓународни научни награди.
Македонската научна јавност претходно ѝ ја додели Светската награда на хуманизмот на градот Охрид и ја прогласи за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје. Во тек се и постапките со кои Мојсов е предложена за почесен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.
