Репрезентацијата на Србија доживеа нов неуспех во рамките на А-дивизијата од Лигата на нации, откако на домашен терен загуби од Холандија со 1:2. Ова е втор последователен пораз за српските фудбалери во новото издание на ова европско натпреварување.

Гостите поведоа во 30. минута од средбата кога Мекс Мердинк прецизно реализираше најстрога казна, по претходниот прекршок на Алекса Терзиќ над Самервил во казнениот простор. Домашните фудбалери возвратија веднаш на стартот на вториот дел, откако во 46. минута Лука Јовиќ погоди за израмнување по акција во која учествуваа Тадиќ, Живковиќ и Павловиќ.

Сепак, расположениот Мердинк повторно стапи на сцена во 69. минута и со својот втор погодок на натпреварот обезбеди победа за гостинската селекција. Србија останува без освоен бод по поразот од Грција во првата рунда, додека Холандија ја забележа првата победа по воведното реми со Германија.

Во истата вечер Данска стигна до триумф на домашен терен против Велс со 2:0, благодарение на автоголот на Бен Дејвис во 53. минута и погодокот на Густав Исаксен во 66. минута. На другите натпревари, Австрија во Б-сегментот го совлада Косово со 3:1, додека пресметката меѓу Гибралтар и Андора заврши без погодоци.