За десет години безмалку илјада и петстотини граѓани на Македонија се самоубиле. Според податоците на Светската здравствена организација Македонија е на 65 место на земји според бројот на извршени самоубиства по стапка на жител. Најголем број од жртвите се мажи, а помал број се жени.
Државниот завод за статистика на Македонија бележи дека во вкупниот број на случаи на насилна смрт, самоубиствата бележат процент од 23,3 отсто од вкупниот број на починати. Во категоријата самоубиства, на прво место се случаите кај кои смртта настапила со бесење, странгулација и софокација.
Истражителите велат дека мотивите и причините се разни. Од нервни растројства, чиј број е најголем, до болест, семејни расправии и прекинати љубовни врски. Според начинот на извршување на самоубиството, на второ место се случаите каде лицата си го одземале животот со употреба на огнено оружје, потоа со труење, давење и скокање од височина, како и со фрлање под воз.
Најчести причини, односно мотиви за посегнување по сопствениот живот се: душевните трауми и растројства од различни видови, семејните недоразбирања и караници во домовите поради беспарица и невработеност на родителите, потоа поради младешки и тинејџерски побуди – невозвратена љубов или болест.
Од МВР велат дека во периодот од 2010 година до јуни 2020 година на територијата на цела држава биле извршени вкупно 1.418 самоубиства. Од нив во 2010 – 150, во 2011 -140, во 2012 -174, во 2013 – 154, во 2014 – 150, во 2015 – 116, во 2016 – 136, во 2017 – 103, во 2018 – 121, во 2019 – 99 и во периодот јануари – јуни 2020 дури 75 самоубиства.