Министерството за култура за 2023 година ќе обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија, како месечни надоместоци на самостојните уметници, за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници.
Сепак, она што паѓа во очи при посетата на веб-страницата за конкурсот на Министерството за култура е изменетиот Правилник за условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од средствата од буџетот на државата за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници. Симптоматично е тоа што изменетиот правилник е донесен на 30.11.2022, само еден ден пред објавување на конкурсот (01.12.2022). Конкурсот траеше до 31.12.2022 година.
Во новиот правилник се извршени промени во три члена, а посебно изненадува промената во членот 12, каде во воведната реченица по зборовите „директор на фотографија,“ се додаваат зборовите „директор на продукција“. Ова значи дека и менаџерите на продукција, односно директорите на филм кои спаѓаат во категоријата Филмски кредити се дополнително вметнати помеѓу филмските автори, а со тоа и можат да се пријават на конкурсот за стекнување статус на Самостојни уметници.
Која е причината токму директорите на продукција да бидат додадени во правилникот и кому всушност му одговара тие да можат да се стекнат со статусот самостојни уметници, бидејќи станува збор за филмски работници од категориите што не се од авторска природа. Исто како шарферите, мајсторите на сцена, реквизитерите и декоратерите, гардероберите, мајсторите на светло и тон, шминкерите, фризерите, и сите останати филмски работници кои не се автори. Токму поради тоа, се поставува прашањето зошто со измената на правилникот им се даваат привилегии на едните, а не на другите?
Несфатлива е и промената во правилникот, во членот 15 во алинеја 1, каде се бришат зборовите „дневна драма (сапуница), ситуациска комедија“, што значи дека и овие дела можат да се земат предвид како уметнички остварувања. Тоа значи дека и авторите кои учествуваат во создавањето на овој жанр телевизиски серии, можат да конкурираат за самостојни уметници, што во најмала рака е контроверзно. Ваквиот тип на содржини досега не беа третирани како уметнички дела и тоа досега важеше само за авторските филмови финансирани од Агенцијата за филм. И во овој случај се поставува прашањето зошто е извршена промената и за кого всушност се направени измените во конкурсот за самостојни уметници?
Со неколку прашања Република се обрати до Министерството за култура од каде било одговорено дека Правилниците за работа се подзаконски акти кои ги носи Министерството за култура и со кои се доуредуваат прашања и состојби дефинирани со Законот за културата.
На прашањата: На што се должи измената на Правилникот за условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од сретствата на буџетот на државата за придонесите за здравствено пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници, кој е донесен на 30.11.2022, само еден ден пред објавувањето на конкурсот (01.12.2022)?; Во новиот Правилник се извршени промени во три члена, а посебно изненадува промената во членот 12, каде во воведната реченица по зборовите „директор на фотографија“, се додаваат зборовите „директор на продукција“. Ова значи дека и менаџерите на продукција, односно директорите на филм кои спаѓаат во категоријата Филмски кредити се дополнително вметнати помеѓу филмските автори, а со тоа можат да се пријават на конкурсот за стекнување статус на Самостојни уметници. Која е причината токму директорите на продукција да бидат додадени во правилникот? И Директорите на продукција се филмски работници од категориите што не се од авторска природа, како шарферите, мајсторите на сцена, реквизитерите и декоратетите, гардероберите, мајсторите на светло и тон, шминкерите, фризерите и сите останати филмски работници кои не се автори. Зошто со измената на Правилникот им се даваат привилегии на едните, а не на другите? , ни беше даден следниов одговор:
Во Правилникот за условите, критериумите и постапката за доделување на месечни надоместоци од средствата на Буџетот на РСМ за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход на самостојните уметници, се прецизирани критериумите, условите и категориите на самостојните уметници. Со оглед на тоа што директорите на продукција долги години беа категоризирани во Правилникот за самостојни уметници, и во 2001 година се јави проблем со нивнити надоместување на сретствата за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, и за данокот на личен доход, Министерството за култура оцени дека оваа група професионалци е потребно како до 2001 година да продолжи да биде дел од категориите самостојни уметници, како дел од системот на продукција на филмско дело, одговорија од Министерство за култура.
Но, во Правилникот не се вклучени уметниците кои стојат зад авторскиот кредит-Дизајнер на филмска маска, односно автори задолжени за осмислување и дизајн на филмската маска за сите главни и споредни ликови во едно филмско остварување. Дизајнерот на филмска маска, како автор е потпишан на предната шпица и на официјалниот плакат, заедно со останатите автори како што се режисерот, кинематограферот, авторот на музика, сценографот, костимографот, монтажерот итн., а сепак нема право да се пријави за месечен надомест како самостоен уметник.
Дизајнот на филмска маска воопшто не постои како категорија и поради тоа луѓето што се занимаваат со оваа професија не можат да се пријават на конкурсот на Министерството за култура. За да можам да конкурирам морав да отворам фирма како трговец поединец, што секоја година ми носи трошоци од неколку илјади евра. Минатата година бев одбиен со образложение дека во конкурсот не постои категорија дизајнер на филмска маска, по што поднесов жалба дека како и костимите, така и филмската маска е од огромно значење за формирање на филмските карактери и дека неретко филмската маска е всушност и носител на темата на филмот. Но, и на таа жалба добив одговор дека таква категорија не постои и дека сум одбен по таа основа. Реагирав преку ДФРМ од каде беше направен допис до Министерството за култура за воведување на категоријата Дизајн на филмска маска во годинашниот правилник, но Министерството направи измени само за директорите на продукција, а не и за дизајнерите на филмска маска. Во врска со измената на правилникот и додавањето на категоријата менаџери на продукција, можам да кажам дека се работи за еден вид на административна работа во филмската дејност, односно тие луѓе воопшто не претставуваат автори или создаваат некој вид на уметност. Менаџерите на продукција повеќе ги водат финансиите и ги координираат луѓето за време на снимањето и нема логика да можат да конкурираат за самостојни уметници. Од друга страна, дизајнот на филмска маска е авторско дело и креативна професија, односно креациите може да се видат на самите актери во едно филмско остварување. Кај нас постојат многу мал број на луѓе што се занимаваат со оваа професија и сметам дека сме неправено изоставени од конкурсот за самостојни уметници, вели Горан Игњатовски, дизајнер на филмска маска.
Друштвото на филмски работници се залага за системско, а не паушално решавање на статусот на филмските работници, запазувајќи го принципот на праведност, еднаквост и солидарност.
Друштвото на филмските работници на Македонија се залага за решавање на статусот на сите филмски работници без исклучок. Дел од нас, оние чија професија е од авторска природа, а според законот спаѓаат во „уметници“, бидејќи се занимаваат со уметничко творештво го оставруваат тоа право преку годишниот конкурс на Министерството за култура за стекнување статус „Самостоен уметник“. Тука спаѓаат филмските режисери, сценаристите, сценографите, директорите на фотографија, костимографите, монтажерите и авторите на филмска музика. Не е јасно од која причина годинешниот конкурс за Самостојни уметници ги вклучува и Директорите на филм, односно менаџерите на продукција. Овие наши колеги несомнено учествуваат во производството на филм, но нивната работа не може да биде поврзана со уметничко творештво. Се поставува прашањето, зошто токму Менаџерите на продукција би се стекнале со ваков статус, а не и менаџерите на локации на пример, или пак мајсторите на светло, шарферите, снимателите на звук или реквизитерите, за чии придонес може да се каже дека е многу повеќе уметнички, отколку придонесот на менаџерите на продукција. Наспроти ова, авторите на филмската маска кои по сите карактеристики на својата работа и придонес се несомнено уметници, за жал сеуште не спаѓаат во категоријата Самостоен уметник. Друштвото на филмски работници се залага за системско, а не паушално решавање на статусот на филмските работници, запазувајќи го принципот на праведност, еднаквост и солидарност. Исто така, поместувањето на одредена „неуметничка“ категорија во редот на уметниците е тешко да се разбере и прифати. Ако Менаџерот на продукција е уметник, тогаш зошто не би бил уметник и организаторот на концерти, галеристот, импресариото или кураторот? Точно е дека извесен период во минатото менаџерите на продукција уживаа статус на Самостојни уметници, пракса која колку што ми е познато била воведена за да се згрижи еден, сега веќе починат наш колега филмски работник кому му беше потребна здравствена нега и осигурување. Но, овој преседан создал системска грешка и наместо на ваков начин, потребно е темелно и правично решавање на проблемот на статусот на сите наши колеги, вели Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.
Измените во правилникот во однос на условите, критериумите и постапката за доделување месечни надоместоци од средствата од буџетот на државата на самостојните уметници не се во согласност ниту со актуелниот Закон за авторско право и сродните права. Во членот 89 од Законот е наведено дека Автори на аудиовизуелно дело се: писателот на сценариото, главниот режисер и главниот снимател. Во случај кога анимацијата од кој било вид е суштински елемент на делото, за автор се смета и главниот цртач, а во случај кога музиката е суштински елемент на делото, за автор се смета и авторот на музиката посебно создадена за користење во аудиовизуелно дело. Во член 90 стои дека Цртачот, односно авторот на музиката, кога не се смета за автор на аудиовизуелното дело според членот 89 од овој закон, како и сценографот, костимографот, монтажерот и авторот на маски, имаат авторско право само врз своите придонеси кон аудиовизуелното дело.
Од овие членови во Законот може да се заклучи дека менаџерите на продукција, односно директорите на филм не спаѓаат во групата автори на аудиовизуелно дело и според тоа не можат ни да се третираат како уметници, поради што уште повеќе изненадува изменетиот правилник на Конкурсот на Министерство за култура, според кој тие може да конкурираат за стекнување на статус „Самостоен уметник“.