Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски денеска бил во посета на општина Неготино и заедно со градоначалничката Марија Нацева оствариле работна средба со лозари.

Како што соопшти Нацева на нејзината Фејсбук-страница, состанокот се одржал во пресрет на стартот на претстојните берба и откуп на винското грозје, а со единствена цел, да поминат во најдобар ред.

– На состанокот се разговараше за динамиката на откупот, слободните капацитети за откуп и преработка на грозјето, како и потребата од почитување на законските услови, при што министерот Серафимовски истакна дека интенција на ресорното министерство е да се почитуваат законите од сите учесници во процесот, да има транспарентност при откупот и да се почитуваат откупните цени и тоа 21,8 денари за вранец и 20 денари за смедеревка – пишува во објавата.

Серафимовски истакнал дека Министерството во рамките на своите надлежности, преку свои претставници, континуирано ќе биде присутно на терен, ќе го следи откупот на грозјето и ќе одржува активна комуникација со производителите, откупувачите и преработувачите.

– Имајќи предвид дека минатите години се појавија проблеми со откупот на грозјето од сортата вранец, министерот ги запозна присутните дека за да не се повтори истата ситуација, Владата на Република Македонија обезбеди над 10 милиони евра преку кредитна линија за навремен откуп на грозјето вранец и оризова арпа, од кои две третини од средствата или конкретно 553.481.723 денари се наменети за откуп на винското црно грозје од оваа сорта – се додава во објавата.

Се додава и дека присутните имале можност да поставуваат прашања до министерот, со цел бербата и откупот на винското грозје да поминат во најдобар ред, а исплатата на средствата за предадениот род, да се реализира во законски утврдените рокови.