Заменик министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски истакна дека мора сите заеднички да делуваме, затоа што за елементарни непогоди не постојат никакви државни граници.

И ова лето, како што сите видовме, по кој знае кој пат се соочивме со опасностите и со последиците што зад себе ги оставија големите пожари. Живееме во време на климатски промени и тоа несомнено ќе не се случува во иднина и во такви ситуации прв кој може да помогне, се разбира дека е соседот, соседната куќа, соседната општина, соседната држава. Токму затоа, благодарение на овој проект ја обезбедуваме главната алка во системот за управување со кризи, а тоа е координацијата. Со набавката на електронската опрема координацијата меѓу двете земји во случај на природни катастрофи е од клучна важност за брза реакција и без да се предизвикаат големи материјални штети или човечки загуби, рече заменикот министер Димитровски.

Проектот го имплементираат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Регионалниот центар за управување со кризи.

Центарот во изминатиот период активно работеше за остварување на главната цел на проектот-обезбедување на современа инфраструктура и опрема за управување со кризи, а резулатите се видливи со поставувањето на командниот центар, тука во нашиот регион, рече директорката на Центарот, Жулиета Ѓуркова.

Таа додаде дека преку проект од ЕУ во тек е набавка на опрема за гаснење на шумски пожари за сите пожарникари во Југоисточниот регион, а во текот на овој месец треба да се склучи договор преку кој ќе се набават две против пожарни возила за Струмица и Гевгелија, а Регионалниот центар за управување со кризи ќе постави опрема за рано детектирање на пожари во планините.

Командантот на вежбата, Беким Исиени, ја истакна важноста на вежбата за рано предупредување, справување и надминување на катастрофите.

Со вежбата се тестира оперативноста на двата командни центри, кои иако се во различни земји ќе бидат меѓусебно поврзани. Истите се активираат во случај на потреба и со примена на прекуграничните протоколи за комуникација, координација и соработка во Југоисточниот плански регион, а во иднина командниот центар ќе биде интегриран во системот на Центарот за управување со кризи, рече Исиени.

Командниот центар е прв таков во државата, а за проектот се потрошени вкупно околу 1 милион евра, обезбедени преку ИНТЕРЕГ програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција и дел од Министерството за локална самоуправа.