Откочени сите процеси за „Скопје 2028“

Потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што се воспоставува јасна институционална рамка за заедничко дејствување во реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.

Со овој чекор официјално се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и спроведувањето на програмата, а локалната самоуправа настапува координирано и партнерски на сите нивоа.

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски преку објава на „Фејсбук“ оцени дека меморандумот претставува значаен исчекор за градот и културниот сектор.

„Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа. Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата ‘Скопје 2028’, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, смета Ѓорѓиевски.

Порака за единство и институционална зрелост

Во објавата се наведува дека потпишувањето на меморандумот испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено одговорно да ја понесе улогата на европска престолнина на културата.

Според градоначалникот, овој момент е значаен не само за институциите, туку и за граѓаните и културните работници.

„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните. Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар“, истакнува Ѓорѓиевски.

Нова фаза за европски културен развој

Со потпишувањето на меморандумот, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се поставени во срцето на идниот развој на градот.

„Со ова, проектот ‘Европска престолнина на културата – Скопје 2028’ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град. Најдоброто, доаѓа“, додава градоначалникот.