Заев на средбата изрази благодарност за континуираната поддршка на Словенија за процесот за евроинтеграцијата на нашата земја, која уште еднаш беше реафирмирана на последната сесија на процесот Брдо-Бриони со декларацијата за важноста за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Премиерот Заев ги оценил како извонредни напорите на претседателството на Португалија со Европскиот Совет и понудениот предлог да се деблокира пристапниот процес за нашата земја и истакнал дека предложените решенија ги имаат потребните елементи да продолжи дијалогот Скопје-Софија и да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ како чекор кон исполнување на безусловната препорака за почеток на преговорите со С. Македонија.
-Во однос на билатералните односи, како заеднички интерес на оваа средба, двајцата премиери изразија подготвеност да ги забрзаат подготовките и за првата заедничка седница на владите на двете земји, од која се очекува да биде поттикнат потенцијалот од економските врски, како и интересот и подготвеноста на деловните заедници на Северна Македонија и Словенија за подинамична соработка, информираат од Владата.
На средбата, на која присуствуваа и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи било истакнато задоволството што интересот за инвестиции на словенечката деловна заедница е насочен кон поттикнување соработка во областа на банкарскиот систем, земјоделството, животната средина, енергијата, дигитализацијата, туризмот, особено во користењето на термалните води, што се совпаѓа и со интересите на Северна Македонија за стратешки развој во овие области.