Родовата еднаквост во спортот не е само декларативна поддршка, туку е реалност која мора да се случи и да се одржува, изјави денеска премиерот Зоран Заев во своето обраќање на настанот „Родова еднаквост во спортот”.

-Ние како Влада ја препознаваме родовата еднаквост како една од клучните работи за позитивен општествен напредок. Но, постигнувањето на родова еднаквост во спортот ќе биде уште поголем успех за сите нас зашто спортот сѐ уште гласи за машко доминантна област и време е заеднички да ги надминеме родовите стереотипи кои преовладуваат во спортот, истакна премиерот.

Тој нагласи дека спортистките и спортските работнички треба подеднакво да учестуваат во сите процеси на донесување на одлуки кои ќе влијаат на развојот на рекреативниот и врвниот спорт.

-Имаме способни, мудри и храбри жени кои рамо до рамо со мажите треба да придонесат кон креирање на политики на еднаквост во спортот, потенцираше Заев.

На настанот присуствуваше и Силвија Митевска, советничка на премиерот за спорт. Според Митевска, родовата инклузивност е двонасочен процес и за да се надмине нееднаквоста во спортот и мажите треба да бидат подеднакво вклучени колку и жените.

-Нашиот план е амбициозен, но со добра координација и посветеност веруваме дека е реален и остварлив. Ние кај нас сакаме да го видиме она што веќе е практика во европските земји. Тоа подразбира интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и работење на спортските субјекти, донесување на родово-сензитивни закони и подзаконски акти, вклученост на жените во сите процеси на донесување на одлуки и примена на родово-одговорно буџетирање, рече Митевска.

Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт, денеска во своето обраќање на настанот, посочи дека вложувањето во спортот генерално и враќањето на спортот таму каде што припаѓа, значи инвестирање во здрав, квалитетен живот, во градење на најдобрите амбасадори на една држава.

-Го знам патот на моите колешки. Исправени се пред низа предизвици и стереотипи против кои храбро се борат и не дозволуваат да им го попречат патот по кој одат. Сите ние сме тука со една цел – целосна рамноправност и еднаквост на мажите и жените во спортот, рече Мојсовски и притоа истакна дека дел од мерките за родова застапеност на жени во управувачки органи ќе биде опфатен во новата законска регулатива.