Европски би изгледало општеството кога наместо гол популизам, секојдневна политика и национализам, би се разговарало за квалитетни луѓе кои креираат бизниси. Затоа разговараме за овозможување на услови кои ќе значат развој на младинското претприемништво и стартапите кои можат да придонесат до отворање на нови работни места, развој на економијата, креирање на иновации, истакна пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова на презентацијата на 10те инвестиции поддржани од акселераторот УКИМ.
– Поддршката за стартапи во стратешки сектори за државата е клуч за обезбедување на финансиска стабилност и професионален раст за младите лица, а токму тоа претставува и една од стратешките цели определена во Националната стратегија за млади. Посветени сме на обезбедување на потребните ресурси, поддршката, законските можности и правната сигурност за надминување на предизвиците со кои се соочуваат стартапите. Само на овој начин преку соработка меѓу државните институции, академската заедница и приватниот сектор можеме да ја трансформираме нашата економија и да создаваме повеќе нови можности за сите, рече Зајкова.
Таа додаде дека е направена сеопфатна стратегија која вклучува посветени програми и иницијативи, пристап до финансирање и ресурси за поттикнување на соработката помеѓу Владата, академската заедница и приватниот сектор и промовирање на различноста и инклузијата, како и на создавање поволна регулаторна средина која ги поттикнува иновациите и претприемништвото.
Од 2021 година, во Македонија работат над 350 стартапи, а стартап сцената на Балканот рапидно расте и се развива. Сепак, стартапите во регионот сè уште се соочуваат со многу предизвици, вклучувајќи пристап до финансиска одржливост.
Стартапите се клучни двигатели на вработувањето, конкурентноста и економскиот раст и создавање средина за поддршка која ќе ги овласти младите иноватори и претприемачи да успеат.