Иако регионот од минатата година не е веќе на агендата на министрите, ниту ЕУ испорачала вакцини на западен Балкан до сега, Борел им упати на лидерите од регионот уверување дека земјите се важни за ЕУ и дека тоа било потврдено на денешниот министерски состанок во Брисел.
-Разговаравме за неодамнешната посета на Мирослав Лајчак во регионот и ќе имаме целосна дискусија за западен Балкан на наредниот Совет за надворешни работи. Западниот Балкан е и ќе продолжи да биде приоритет за ЕУ, изјави Борел, но без повеќе детали.
На прес конференцијата балканските новинари не добија можност за прашање денес, меѓу другото за реакција од шефот на ЕУ дипломатијата за писмото на деветте земји кои побараа враќање на регионот на дневниот ред на ЕУ.
МИА неодамна објави реакција од портпаролските служби на Борел во која се вели дека високиот претставник го дели ставот на овие земји и дека се согласува дека треба регионот повторно да биде тема на разговор, откако во декември беа блокирани заклучоците за цел западен Балкан поради инсистирањето на Бугарија во заклучоците да се вметне параграф за погрешно интерпретирање на историјата.