Неколку силни земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, вчера ја погодија Јапонија. Досега се пронајдени најмалку 48 загинати, а се очекува да се пронајдат многу повеќе од страна на 1.000 ангажирани спасители, известува Би-би-си.
Епицентарот на најсилниот земјотрес бил на полуостровот Ишикава. Илјадници куќи и згради се уништени. Забележани се бројни афтершокови, а се очекува тие да продолжат и во текот на следните неколку денови.
Иницијално беа соопштени предупредувања за цунамија, но истите беа повлечени. Сепак, на граѓаните им беше препорачано да не се вратат во своите домови.
Над 57.000 луѓе биле евакуирани, а десетици илјади домови останале без струја. Премиерот на Јапонија Фумио Кишида ѝ нареди на армијата да се приклучи во спасувачката работа, но истата е отежната од штетата што ја претрпеа патиштата.
Возови и летовите од и во регионот беа суспендирани утрово. Телекомуникациската мрежа исто така била оштетена, но таа веќе се враќа во стандардна употреба.
Не се забележани покачени нивоа на радијација околу нуклеарните реактори на крајбрежјето. Повеќето нуклеарни реактори се деактивирани по несреќата со електраната Фукушима, предизвикана од земјотресот во Јапонија во 2011 во кој загинаа 18.000 луѓе.
Британскиот премиер Риши Сунак и американскиот претседател Џо Бајден соопштија дека се подготвени соодветно да ја поддржат Јапонија.