Претседателот на Здружението „Македонско прасе“, Бојан Ѓорѓиевски, упати јавна благодарност до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трипуновски за сеопфатната поддршка на домашните фармери. Тој го поздрави спроведувањето на владините политики за заштита на домашното производство.

Ѓорѓиевски го нагласи драстичното зголемување на субвенциите за матичното стадо, кое од претходните 1.000 денари порасна на 4.000 денари по маторица. Воедно, тој укажа и на воведувањето на заштитната мерка со стопроцентно земање крвни примероци од увезените прасиња на граничните премини.

„Токму таа мерка не заштити нас, домашните производители, и ни овозможи да растеме со бројот на маторици. Министерот ни ја зголеми субвенцијата на матичното стадо за 300-400%, од 1.000 на 4.000 денари за маторица. Сакам јавно да му се заблагодарам на Трипуновски за поддршката и конкретните мерки што беа преземени за нашиот сектор“, истакна Ѓорѓиевски.