Тедрос предупреди дека светот живее во „опасни и поделени времиња“
Во Женева денеска започна 79-то Светско здравствено собрание, на кое првиот човек на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди за сериозните глобални предизвици со кои се соочува светот.
„Живееме во тешки, опасни и поделени времиња“, рече Тедрос на отворањето на собирот.
Собранието почнува само еден ден откако СЗО прогласи меѓународна вонредна состојба за јавното здравје во Конго и Уганда поради ширењето на смртоносниот вирус Ебола.
Нема согласност за клучниот дел од Пандемискиот договор
Како што пренесе ДПА, на собранието не се очекува да биде постигнат договор за усвојување на анексот за Пристап до патогени и споделување на придобивките (PABS), кој е клучен дел од Пандемискиот договор на СЗО.
Од СЗО претходно соопштија дека системот PABS треба да овозможи брзо споделување на патогени со пандемиски потенцијал, како и еднаков пристап до придобивките што произлегуваат од нивната употреба, меѓу кои вакцини, дијагностика и терапевтски средства.
Без анексот нема целосна ратификација
Финализирањето на анексот PABS е неопходно за земјите да можат да продолжат со потпишувањето и ратификацијата на Пандемискиот договор.
Иако договорот беше усвоен минатата година, процесот на целосна ратификација не може да продолжи додека анексот не биде комплетиран.
