Постојат правила во кои простори може да се движат затвореници. Иако дел од Идризово има третман на полуотворен затвор, сепак и во тој дел, според Законот за извршување на санкции и според правилникот за куќниот ред на затворот, строго се определни патеките по кои може да се движат затворениците. Во делот на видео надзорот, затвореникот не може да има пристап во никој случај, истакна Насер Зибери, народен правобранител, во вечерашното интервју во Топ тема на Телма ТВ.
-Прво како местоположба и второ поради фактот што таму се наоѓа просторот во кој се чуваат уредите со кои се вршат видео записи, односно третирање на снимките од видео камерите. Второ, моментот кога затворениците ги фаќаат камерите, ги фаќаат други камери како се качуваат и го пренасочуваат, се случува на почеток на акцијата. Сите тие настани и фактот дека затвореник може да има пристап до просторија во која се чуваат тие уреди, ги компромитира видео записите и со доза на резерва можеме да ги сметаме како валидни докази за прикажување на реалната состојба, а соодветно на тоа и извлекување на соодветни заклучоци за акцијата и евентуалните пречекорувања во овластувањата на припадниците на МВР, изјави Зибери.
Тоа, како што нагласи, говори за генерално лошата состојба во која се наоѓа целиот затворски систем – сите затвори, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, со посебен акцент на состојбата, вели Зибери, во која се наоѓа затворот „Идризово“.
„Кога такви немили сцени и настани може да ни се случуваат, каде што 80 затвореници побарале медицинска помош, а според МВР имало повредени и негови припадници, е секако аларм за тоа што ни се случува во затворите. Но, и претпазливост што се случува во другите делови, посебно во затворениот дел во кој се сместени лица на издржување на подолги затворски казни за потешки кривични дела. Да не збориме за деветтото крило во кое се сместени лицата кои се осудени на доживотен затвор“, посочи Зибери.
Последната случка, според него, не е случајна.
„Нашите укажувања за состојбата во затворот „Идризово“ и во останатите установи во кои се задржуваат лица кои се огрешиле пред законот, ни се потврдуваат низ пракса. И не случајно, владата пред три месеци беше принудена да прогласи кризна состојба во „Идризово“ која треба да заврши за три-четири дена и по третпат ќе треба да се продолжи.
Преземено од Нетпрес