За утре напладне жителите на населбите Ѓорче Петров и Дексион во Ѓорче Петров најавија протест на ул. Радушка кај раскрсницата со ул. Кузман Шапкарев – последна 5- ка, против како што велат дивеењето на урбаната мафија која е поддржана од локалната власт.
-Конкретно станува збор за изградба на објект кој што е до самата пруга без да се почитува законското решение кое пропишува изградба на објект на далечина од 20 метри. Со овој протест ќе побараме општината Ѓорче Петров да почне да работи на терен и да расчисти со урбаниот хаос што се случува во нашата општината, велат жителите на овие две скопски населби.
Пред дваесетина дена, тие се сретнаа со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, за да му се пожалат од урбаното дивеење во Хром каде се градат 30 згради, а пак ДУП-от СЗ 20 предвидува изградба на нови 100 згради.
Тогаш најавија дека ако не им помогне тој, ќе одат кај премиерот Заев, а доколку и тогаш не се запре со ова, тие најавуваат секојдневни блокади и закочување на целата општина, се додека не наидат на разбирање од страна на властите или пак случајот не добие правна разврска во полза на граѓаните на Ѓорче Петров.