Тој посочи дека неговото присуство во градот не било со намера да го снима Николовски, туку да ја снима фирмата којашто го увезува предметниот тутун којшто е цел на сторијата што беше објавена на Радио Лидер, да се обиде да стапи во контакт со сопственикот на компанијата која го увезува тутунот и да сними инсерти.

– Се враќаме од таму, почнува полициски час и наеднаш ми праќаат статија, објавено дека сум снимал за Љупчо Николовски и никој не ми кажал лош збор за Љупчо Николовски, а јас не сум ни прашувал за Николовски. Единствено се обидувавме да го најдеме газдата на фирмата која шверцувала тутун, рече Златев.

Тој посочи дека порталот којшто ја објавил веста дека за истражувачката сторија на Радио Лидер е на близок пријател на Николовски од СДСМ.

– Вицепремиерот вечерта објавува дека сум бил кај него и сум му ги снимал родителите, сум ги вознемирувал и родната куќа, таа била отворена за добронамерниците, јас сум бил криминалец, Јане (снимателот) бил криминалец, сме биле и рекетари. Ниту знам кај живее, ниту ме интересира кои му се родители, ниту би сакал да ги вознемирувам, но никаде ништо не сум направил поврзано со него (Николовски), ниту со неговите родители, ниту бил главна тема, освен дека е близок со овие луѓе кои се официјално СДСМ. Самото мое присуство значело дека му влегувам на негов простор, рече Златев.

Главниот и одговорен уредник на Радио Лидер вели дека не знае зошто Николовски би го направил сето тоа освен ако и тој нема некаква врска со шверцот.

– Кога се случил шверцот тој бил министер за земјоделие. Опозицијата секој ден обвинува за тутунот, медиумите секој ден пишуваат за тутунот, а кога Златев ќе отиде во Крива Паланка, тој е рекетар и криминалец, рече тој.