Од почетокот на годината, а посебно пред одржувањето на разни избори во Европа, руски и проруски мрежи интензивно шират лажни вести преку директно имитирање на изгледот и начинот на известување на традиционалните медиумски куќи, алармира меѓународната организација „ЊузГард“ (NewsGuard).

Според извештајот на американската организација, формирана во 2018 година за борба против дезинформациите, европските медиуми се примарна мета поради отворената поддршка што нивните матични земји ѝ ја даваат на Украина.

Од 2022 година досега, „ЊузГард“ идентификувала вкупно 906 лажни вести претставени под лажен идентитет на легитимни медиуми, феномен што забележал драстичен пораст во првата половина од 2026 година.

Кампањите се особено изразени пред изборните процеси. Во Франција, во текот на летото се регистрирани 85 лажни вести поврзани со претседателските избори закажани за 2027 година.

„Постои интензивирање на руските кампањи пред изборите. Во случајот со Франција, тоа почна девет месеци пред гласањето. Тоа е многу рано“, се наведува во извештајот на „ЊузГард“.

Мрежите целосно ги преземаат логоата и брендирањето, а создаваат и веб-страници со адреси кои ги имитираат оригиналните медиуми. Во Франција бил злоупотребен идентитетот на осум медиуми.

Во периодот од март 2023 до септември 2026 година објавени се 82 лажни вести прикажани како да се од „Евроњуз“ (Euronews), 39 од францускиот весник „Либерасион“ (Liberation), 35 од „Шарли Ебдо“ (Charlie Hebdo) и 20 од Агенцијата Франс прес (AFP). Меѓу мета-медиумите се и британскиот Би-би-си (BBC), германски Дојче веле и порталот Политико.

„Тие шират измислени наративи, лажни обвинувања за детска порнографија или заканувачки и навредливи изјави, меѓу другото, за да ја поткопаат довербата во легитимните медиумски куќи“, истакнуваат од организацијата.

Зад овие операции стојат проруските мрежи „Матрјочка“ и „Сторм-1516“, чиј подем е дополнително поттикнат од напредокот на генеративната вештачка интелигенција за креирање убедливи лажни видеа и статии.

„ЊузГард“ моментално следи 561 веб-страница кои шират дезинформации за војната во Украина (од кои 62 се на француски јазик) и има идентификувано над 450 лажни тврдења поврзани со тој конфликт.