Од партијата велат дека молкот на СДСМ и Венко Филипче ги засилува сомнежите во јавноста
Од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија денес повторно поставија прашања до Венко Филипче и СДСМ, откако, како што наведуваат, по вчерашната прес-конференција немало одговор од раководството на СДСМ.
Во партиското соопштение прашуваат зошто СДСМ и Филипче молчат за фирмите и деловните релации во Бугарија.
Според ЗНАМ, молкот дополнително ги засилува сомнежите во јавноста дека зад политиките и ставовите на СДСМ не стои „принципиелна борба за европска иднина“, туку „заштита на бизнис интереси и лични врски со Бугарија“.
Од партијата повикаа, доколку нема што да се крие, СДСМ и Филипче јавно да одговорат за целта, сопственичката структура и работењето на фирмите што ги споменуваат.
ЗНАМ постави повеќе прашања за фирми во Петрич
Во соопштението повторно беа поставени неколку прашања:
Дали Венко Филипче е сопственик или поврзано лице со фирмата „POWER i8 Ltd.“ во Петрич, чија дејност е поврзана со недвижности?
Дали семејството Заеви е поврзано со фирмата „GOMASIDRA Ltd.“, регистрирана во Петрич?
Колку фирми на лица блиски до поранешното и сегашното раководство на СДСМ се регистрирани на иста адреса во Петрич?
Какви бизниси и економски интереси имаат овие структури во Бугарија?
Во реакцијата се наведува и пораката:
„Одважи се Венко, покажи го вистинското лице“.
Тврдат дека јавноста заслужува одговори
Од Движењето ЗНАМ наведуваат дека граѓаните имаат право да ја знаат вистината, не само за фирмите, туку и за, како што велат, „она што стои зад нив“.
Во соопштението се додава дека членовите и симпатизерите на СДСМ заслужуваат одговори и не треба да бидат оставени „во дилема“.
Од партијата оценуваат дека во изминатите осум години СДСМ, додека била на власт, отворала простор за „национални порази“ и водела политика на отстапки кон туѓи интереси.
На крајот, од ЗНАМ порачаа дека ќе продолжат јавно да ги поставуваат овие прашања сè додека, како што наведуваат, јавноста не добие целосни и транспарентни одговори.
