Италија одлучи да не се приклучи на европската мисија во Гренланд, откако министерот за одбрана Гвидо Кросето јавно ја исмеа иницијативата што требаше да демонстрира европска солидарност со Данска, објави Анса.
– Гренланд. Се прашувам зошто. Патување? Петнаесет Французи, петнаесет Германци – звучи како почеток на шега – рече Кросето во Рим, со изјава која одекна низ европските медиуми.
Со тоа, Кросето јасно стави до знаење дека Италија нема да учествува во мисијата и порача дека НАТО треба да ги координира позициите на земјите-членки, со цел да се избегнат фрагментирани или симболични акции.
Слична позиција изрази и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која во петокот го повика НАТО да воспостави „координирано присуство“ во арктичкиот регион за да се спречат тензии и да се одговори на „мешање од други актери“, објави Ројтерс.
Во писмо прочитано за време на презентацијата на италијанскиот владин документ за Арктикот, Мелони истакна дека регионот добива сè поголемо значење поради отворањето на нови морски патишта и неговите огромни „енергетски и минерални ресурси“.
– Ние (Италија) сме земја набљудувач во Арктичкиот совет и отсекогаш сме го почитувале меѓународното право, почнувајќи од Конвенцијата на ОН за правото на морето – рече Мелони.
Во документот се укажува и на засилениот фокус на Русија кон Арктикот, вклучително и зголемувањето на нејзиното воено присуство во регионот.
„Овој поасертивен став… во комбинација со јасната демонстрација на кршењето на принципот на неповредливост на границите прикажано во Украина, прво ги натера НАТО, а потоа и Европската Унија да реагираат“, се наведува во документот.
Оваа недела неколку европски земји, меѓу кои Франција и Германија, испратија симболичен број војници во Гренланд како знак на поддршка на Данска, која островот го смета за своја автономна територија.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги заостри трансатлантските односи со изјавата дека „Гренланд мора да биде под американска заштита“, оценувајќи го островот како стратешки клучен за безбедноста на САД поради резервите на ретки минерали.
Трамп не ја исклучи ниту можноста за употреба на сила, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу Европа и Вашингтон.
