Вкупно 19 американски држави поднесоа неколку одделни и заеднички тужби против федералните власти со кои се бара да се блокира задолжителната мерка за вакцинација против коронавирус за вработените во сојузните компании.

Државните обвинители во Алјаска, Арканзас, Ајова, Мисури, Монтана, Небраска, Њу Хемпшир, Северна Дакота, Јужна Дакота и Вајоминг поднесоа заедничка тужба до федералниот суд во Мисури.

Друга група држави, вклучувајќи ги Џорџија, Алабама, Ајдахо, Канзас, Јужна Каролина, Јута и Западна Вирџинија, поднесоа тужба до федералниот суд во Џорџија.

Флорида и Тексас поднесоа одделни тужби против администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Сите овие држави бараат да се блокира барањето на Бајден сите вработени во сојузни компании да бидат обврзани да се вакцинираат против коронавирусот до 8 декември. Тие држави сметаат дека федералните власти ги пречекориле своите овластувања.

Бајден неодамна рече дека наредбите за вакцинација на федерално ниво ќе помогнат во борбата против епидемијата на коронавирус.

Државите наведуваат дека сакаат да го блокираат планот на Бајден за тоа Федералната управа за безбедност и здравје при работа да нареди задолжителна вакцинација за сите приватни компании со 100 или повеќе вработени.

Тие држави веруваат дека многу вработени во федералните и приватните компании ќе дадат отказ, со што ќе се намали работната сила или дека оваа мерка ќе ги обврзе работодавците да отпуштаат невакцинирани работници, што ги прекршува правилата и законите.